Нова природна атракција во Дојран

18.04.2015 18:57

Кај што течело вода, пак ќе потече. Оваа народна изрека деновиве често ја употребуваат Дојранчани. По 35 години отакако пресуши, Деребашката река не само што се врати туку создаде и водопад. Феноменот се должи на изобилните врнежи од дожд што ги имавме во последнивсе месеци...

Нова природна атракција во Дојран. По 35 години сушност, Деребашката река на излезот на Стар Дојран формира сопствен водопад од неколку метри и потече по својот слив. Жителите раскажуваат дека оваа река која името го носи од турските зборови главна и река е единствена која се влива во Дојранското езеро. За разлика од другите извори кои се ладни, оваа вода е со потопла температура и бистра и многу питка. Во минатото требало да ги напојува жителите на Нов и Стар Дојран.

Направија буштотини, дојдоа до ниво на вода со помала количина, но тогаш деребашката река пресуши“, вели Илија Кучаров- жител на Нов Дојран.

Природните климатски услови и исклучително влажната есен и зима, ја вратија водата во коритото на Деребашката река, покрај која пред да пресуши живеело турско и влашко население. Дојранчани се радуваат на овој своевиден феномен.

Со обилните врнежи кои го зафатија не само Дојран туку и целиот Балкан ете водата ни се врати во реката. Се исполни старата поговорка дека кај што течело вода, пак ќе потече, вели Кучаров.

Граѓаните сметаат дека Деребашкиот водопад може да биде уште една туристичка провокација. Живописната природа во падините на дојранските ридови, погледот кој одзема здив свртен кон езерото се предности кои треба да бидат искористени, а водопадот да биде уреден и промовиран пред гостите.

 

Катерина Давчева