Позитивни оценки од ММФ и Светска банка
Постојат ризици за светската економија, но Македонија може да се справи со нив, се заедничките оценки на првите луѓе на ММФ и Светска банка и на министерот за финансии Зоран Ставрески и Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов по средбите во Вашингтон. Добар сигнал за инвеститорите е што реномираната „Стандард и Пурс“ повторно ја рангираше Македонија меѓу стабилните и растечки економии во светот...

Пораките од Светска банка и Меѓународниот Монетарен Фонд оваа година е дека земјите треба да се фокусираат на поттикнување на економскиот раст со различни мерки, изјави министерот за финансии Зоран Ставрески по средбите со извршните директори на Светска банка и на ММФ, Френк Хемскерк и Мемо Снел, со Регионалниот директор за Југоисточна Европа Елен Голдштајн, со новиот шеф на Мисијата на ММФ Џесмин Рахман и со Потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија Лора Так.
„Може да се очекува и оваа година дека цените на нафтата ќе останат на ниско ниво, може да се очекува дека стабилноста на цените ќе се задржи и она што треба да се направи во следниот период е да се види како Македонија во тие околности може да оствари повисок економски раст во однос на останатите земји, односно да го продолжи добриот тренд кој заеднички констатиравме со луѓето од Светска банка и ММФ дека е добар и дека Македонија има повисок економски раст од другите земји во регионот. Тоа главно се должи на работењето на компаниите и во слободните економски зони и надвор од зоните заради добрата бизнис клима во земјата и второ поради поддршката што преку буџетот и капиталните инвестиции во вид на инфраструктурни проекти се реализираше во изминативе две години. И двете работи ќе продолжат и во следниот период бидејќи имаме најава за дополнителни инвестиции. Сето тоа создава добри предуслови Македонија да го продолжи економскиот раст, да продолжи намалувањето на невработеноста и во тој дел да имаме повеќе инвестиции отколку што имаат останатите земји“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
Македонската економија главно извезува во европската, па намалувањето на цената на нафтата и вредноста на еврото во однос на американскиот долар ќе има позитивни ефекти зошто нашите производители ќе бидат поконкурентни. Македонија може да се справи со ризиците за светската економија, оцени гувернерот на НБРМ Димитар Богов.
„Видувањата на ММФ и на Светска банка се дека најголемите ризици произлегуваат од излегувањето на американскиот фет од онаа програма за пуштање ликвидност, сега значи тие треба да пристапат кон повлекување на ликвидноста, прашање е кога ќе го започнат тоа. Меѓутоа тоа врзува одредени ризици за светската економија, бидејќи таа ликвидност е раширена насекаде во светот. Исто така ризикот од дефлација во Европа беше потенциран. Очекувањата се дека вбризнувањето на ликвидност на Европската Централна банка ќе придонесе за надминување на опасност од пролонгирана дефлација во еврозоната. Исто така беше разговарано и за грчката должничка криза и како таа ќе се заврши. Така што тоа се најголемите ризици и можам да кажам дека македонската економија е доста добро позицирана да издржи шокови од било кои од овие три ризици“, нагласува гувернерот Богов.
На пролетниот состанок на ММФ и Светска банка за првпат официјално се разговара за последиците од евентуалното излегување на Грција од еврозоната, па добар сигнал за Македонија е што реномираната „Стандард енд Пурс„ го потврди рејтингот ББ+, како на земја која ќе остане во зоната на стабилните и растечки економии.
„Стандард и Пурс ја потврди оценката за Македонија, односно го потврди нашиот кредитен рејтинг. И тоа секако е добар сигнал дека македонската економија има добар тренд на раст, дека бизнис климата е добра, дека јавните финансии се во добра состојба, и секако е добар сигнал кон инвеститорите бидејќи тие го имаат во предвид рангирањето на земјите и рејтингот што го даваат реномираните меѓународни корпорации“, потенцира министерот Ставрески.
Светска банка ќе одобри два конкретни проекти, за финансирање на патот Ранковце- Крива Паланка и потоа втората фаза до бугарската граница, како и за заокружувањето на гасификациската мрежа во Македонија.
Светска банка и ММФ оценуваат дека Македонија континуирано има економски раст дека така треба да продолжи и во наредниот период.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
