Дебата

Експерти: Нема опасност однадвор за безбедноста на Македонија

20.04.2015 14:48

Нема закани за безбедноста на земјава, иако постојат одредени ризици, велат експертите. Превентивно препорачуваат поефикасна регионална соработка на безбедносните служби и поуспешно справување со исламскиот радикализам...

Нема закани однадвор за безбедноста на Македонија. Ризици постојат, но тие се резултат на внатрешната поделеност во општеството, став на експертите. Во анализата за безбедноста на државата се посочуваат отворените прашања со соседите и решавањето на прашањето со името. На Балканот, верскиот радикализам и илегалната миграција се појави што можат да бидат ризик и опасност. Според дел од експертите се наметнува потребата и од редефинирање на безбедносниот систем и евентуално фузирање на службите.

„Доколку сакаме серизона држава и стабилизирање на безбедносната состојба, треба да се изгради мехнизам, систем во кој еднаш за секогаш ќе се попречи припадници на разузнавачките служби да диктираат политички настани и случувања во земјата. Тие треба да бидат во функција на националните и државни интереси кои јасно се одредени во концепциите“, смета д-р Марјан Ѓуровски, Факултет за безбедност- Скопје.

Според професорот Томе Батковски, земјите од Западен Балкан треба да формираат заеднички регионален безбедносно- разузнавачки центар. Целта е пред се превенцијата и навремено спречување на заканите. Смета дека регионот е под закрила на НАТО и дека нема да се дозволи дестабилизација.

Како можни закани за безбедноста, белградскиот експерт Кековиќ ги посочува политичкиот екстремизам, етничките конфликти, тероризмот, организираниот криминал и природните непогоди. Од Балканот се регрутираат голем број лица за војување во паравоени формации, а вахабизмот е регионална закана.

„Како земји од регионот делиме заеднички опасности и ризици. Од друга страна, тие ризици не се еднакво препознаени во националните стратегии, кои се основа за изработка на системите за безбедност“, изјави проф. д-р Зоран Кековиќ, Факултет за Безбедност- Белград.

Според истражувањето на  факултет за безбедност, три четвртини од испитаниците сметаат дека главна закана е невработеноста. Сличен процент е и за насилното симнување на демократски избраната власт.

Според истражувањето, граѓаните се најзадоволни од работата на АРМ, како и Претседателот, но и полицијата. На последно место е судството. Највисок приоритет во безбедносната политика е интеграцијата во НАТО и во Европската Унија. Најголем дел од граѓаните се изјасниле дека институциите во државава функционираат добро.

Истражувањето е спроведено во јануари лани, на репрезентативен примерок од 1.167 испитаници од сите етнички заедници во државава.  

Милчо Велески