Јанкулоска: Заев е сѐ повознемирен

20.04.2015 17:10

Министерката за внатрешни работи вели дека лидерот на СДСМ покажува се поголема вознемиреност поради сериозноста на кривичните дела за кои се товари. Според неа, тој и неговите соработници во недостиг од конкретни предлози избрале пред граѓаните да се претстават со креирани и монтирани материјали набавени на незаконски начин...

„Со секое ново појавување, Заев покажува се поголема вознемиреност од сериозноста на кривичните дела за кои се товари“, вели министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Според неа, тој и неговите соработници во недостиг од идеи и конкретни предлози, како единствен начин да се претстават пред граѓаните, решиле да објавуваат креирани и монтирани материјали набавени на незаконски начин.

„Со секое нивно наредно појавување во јавноста евидентен е стравот, вознемиреноста кај Заев, затоа што најверојатно станува свесен за сериозноста на кривичните дела кои му се ставаат на товар“, изјави Гордана Јанкулоска – министер за внатрешни работи.

„Сценариото на опозицијата, во обид да се освои власта, не успева, зашто сето тоа не беше етички направено“, вели уметникот Ацо Станковски. Она што го прават, според него е навлегување во приватноста, која е светост во сите цивилизирани општества. „Освен хумористична вулгарност, не се виде нешто пострашно“, оценува Станковски.

„Актуелната влада е обвинувана за недемоктратичност. Јас би рекол точно недемократичност зашто има премногу демократичност. Дури како да сме на работ на една анархичност во позитивна смисла. Другата страна тоа го користи за неетички дејанија. Но, би рекол дека суровата моќ, дестилирана моќ која ја претставува политиката како таква во својата суштественост е голем магнет на веќе испостените опозиционери кои девет години не можат да ја преземат власта, а не можат не поради тоа што Владата поставила некаков фашистички режим, туку затоа што не се способни да создадат платформа на која ќе се налепат гласачите“, смета уметникот Ацо Станковски.

Според аналитичарите, Заев и СДСМ соочени со немањето ефект од посакуваните сценарија, сакаат да ја повлечат целата држава во сопственото тонење. За несигурноста на лидерот на опозициската партија, велат дека сведочат и контрадикторностите во серијата негови јавни настапи, а во последно време и изјавите за можно радикализирање на состојбата и истурање на гневот на улиците.

 

Наташа Гркова- Петрушевска