Попоски учествува на форумот „Брдо“
Денеска во Брдо кај Крањ, се одржува состанок на министрите за надворешни работи од Западен Балкан и неколку европски држави. Учествува и шефот на дипломатијата Никола Попоски.Главна цел на оваа иницијатива е европската перспектива на земјите од Западен Балкан да се направи конкретна и тие уште повеќе да се поврзат со заедничкиот економски и политички простор на Унијата...

Овој пат, акцентот ќе биде ставен на економското и социјалното заздравување на земјите од Западен Балкан што, според организаторот, е клучно за политичката стабилност и за унаредување на можностите за младите од овие држави.
Најавено е дека ќе се разгледаат опциите на оваа категорија граѓани за студирање во земјите членки на ЕУ преку стипендии, промовирање на можностите за вработување во нивните држави, а не во странство. Учесниците треба да разменат информации за борбата против тероризмот вклучително и радикализацијата и регрутирањето на странски борци. Најавено е дека посебно внимание ќе биде посветено на безбеноста и политичката стабилност на регионите кои граничат со ЕУ, особено состојбата во Украина и јужниот Медитеран.
Домаќини на форумот се министрите за надворешни на Словенија и Франција, Карл Ерјавец и Лоран Фабиус. На неформалниот состанок учествуваат шефовите на дипломатиите од државите на поранешна Југославија + Албанија, Австрија, Италија. Овде е и Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, а се очекува да дојде и високата европска претставничка, Федерика Могерини.
Нефромалната иницијатива беше воспоставена во 2010 меѓу Словенија и Хрватска и прерасна во регионална со која Словенија се обидува да даде динамика на на приближувањето на Западен Балкан во Европската Унија.
Душко Арсовски, специјален известувач од Словенија за МРТ
