Мигрантите со шанси за преживување од 10 %

24.04.2015 17:23

„Шансите да преживееш се 10 проценти“ - ова се некои од сведоштвата на мигрантите кои успеале да го преминат Средоземно Море. Европската унија ја заострува миграциската политика откако се најавува нов бран бегалци. На вонредниот самит на Европскиот совет е донесена одлука за засилување на морските операции...

Нова група емигранти се истоварува во Катанија. Го преживеале Средоземното Море, но сега ветената земја Европа за нив е меѓу овие огради од бодликава жица среде рурална Сицилија.

„Многу е опасно. Има 90 проценти шанса да умреш, 10 да преживееш“, вели емигрант од Нигерија.

Изграден како воен комплекс за американската војска, кампот Минео е најголем во Европа. На половина пат до слободата, над 3.300 бегалци чекаат одобрение за азил. Двегодишно дете и сопругата го чекаат во Пакистан овој текстилен инженер да прати порака за спас.

„Ги одбиваат и ги одбиваат азијците. Чекам одговор за барањето на азил веќе 14 месеци“, изјави жител на Пакистан.

Често се факултетски образувани или добри занаетчии. Често се трудни жени кои ризикуваат за правото да родат во Европа. Пред 15 години еден од нив бил и Муса – денеска е успешна приказна за интеграција, бизнисмен и културен посредник за бегалците во кампот Минео.

„Сакаме Европа и светот да разберат со какви хуманитарни проблеми се справува Италија. Сакаме да ни помогнат“, вели Муса, културен посредник.

Унијата реши да ги зголеми за три пати средствата за борба против илегалната миграција пред најавата за бран од милион бегалци само од Либија. Соочена со опасност да биде преплавена или Медитеранот да стане масовна гробница, ќе ги разубедува од обидите да го поминат опасното море.

 

Ивана Салтировска