Груевски: Нема да успее сценариото за дестабилизација
Груевски од партискиот собир во Охрид испрати повеќе политички пораки во кои апелираше на смиреност. Базата чека сигнал за реакција, одговор што ќе биде силен, Вмровски. Ќе победиме убедливо но ние нема да јадеме живи луѓе како што се закануваат. Наша задача е да ја штитме македонија и да работиме за доброто на граѓаните и на државата, рече лидерот на владејачката партија во Охрид...

Настанот во Гошинце е сериозен и треба внимателно да се третира. Идентитетот на учесниците е веќе познат на институциите, за што е известена меѓународната заедница и косовските институции, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ и премиер Никола Груевски на собирот во Охрид. Порача, предизвиците на овој план веројатно ќе продолжат, но ова не смее да се става во дневно политички контекст. Ова е сериозна работа и во прашање е државата. Изјавите на Заев во врска со овој настан, Груевски рече дека ќе ги земал како израз на неговиот капацитет, но и неинформираност. Апелираше на воздржаност.
„Ги гледам кукавичките јајца снесени од опозицијата демек ние стоиме зад тоа и да ви кажам искрено ми се гади од таа антидржавна реторика и од целиот тој ланец на настани, што не е ни чудно што многумина ги потсетува со оној од 2001вата. Но сакам да им порачам една работа на сите инволвирани, ова не е 2001-ва, Институциите ќе делуваат решително и одлучно во рамки на своите надлежности, а потпалувачите од 5тата колона треба максимално одговорно да се постават во случајов зашто ова веќе не е дневна политика и нивните глупости, напади, закани и однесувања за овој случај имаат еден друг контекст. Ова е сериозна работа и во прашање е државата“, рече Груевски на собирот во Охрид.
Јасно ми е, вели Груевски, дека нашата база и нашите поддржувачи чекаат сигнал за да одговорат на сите провокации, на агресијата, заканите кои доаѓаат од опозицијата. Но, ние сме мудри и ја знаеме нашата крајна цел. Тоа е рече Груевски стабилна и успешна Македонија! Дневната битка со овие на кои којзнае што се може да им падне на памет, ние на крај ќе ја добиеме, и тоа по истиот принцип по кој Касиус Клеј ги добиваше мечовите. За таа цел, вреди и да се истрпат овие што на глава ни се качуваат секој ден и во сопствената немоќ и фрустрации пробуваат да не испровоцираат потенцира Груевски, додавајќи дека За Македонија вреди да се истрпи ова!
„И за крај, ако ве прашаат овие од СДСМ нешто за денешниот настан, кажете им: Дојде Никола Груевски во Охрид и ви порача, ќе ве победиме! Народот е со нас! Ќе ве победиме! Ќе ве победиме така јако, што нема да сте свесни што ви се задесило! И кога победата ќе дојде, нека не се плашат, ние нема да јадеме живи луѓе, нема да се светиме, и не се закануваме, како што тие тоа го прават или како што многумина сакаат, туку ќе ве погледнеме во очи и ќе ви кажеме ова е наша заедничка држава и ние работиме за неа“, нагласи Груевски.
Македонија е градена низ предизвици и искушенија, низ една долга историја. Ние и нашата генерација ја имаме одговорноста да опстоиме во битката за подобра и просперитетна Македонија со повеќе можности за идните генерации, рече Груевски. Да не дозволиме на тие што го искреираа ова сценарио да успеат во намерите за дестабилизација и уназадување на Македонија, а притоа да опстоиме на агендата за инвестиции и проекти кои треба да носат нови работни места и подобар живот за нашите сограѓани како и нашиот трасиран пат за ЕУ и НАТО. Тоа е нашата врвна цел и наша агенда.И ние тоа знаеме и можеме да го направиме, со работа, со труд, со посветеност, со внимателност и мудрост, и со љубов кон татковината, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски.
Наташа Гркова- Петрушевска
