„Шумски музичари“ за чисто Водно
Популарни ѕвезди во улога на шумски музичари свират и пеат, додека љубителите на чистиот воздух ги чистат планинарските патеки на скопската убавица...

Еко - забава на скопско Водно. Популарни ѕвезди во улога на шумски музичари свират и пеат, додека љубителите на чистиот воздух ги чистат планинарските патеки на скопската убавица.
„Секогаш ги чистам планините, моето ѓубре го носам со себе, го фрлам во кантите за отпадоци, би сакал сите да ја подржиме оваа акција. Во следните две недели сите што ќе се качат на Водно нека соберат барем по едно шише, ќе биде прекрасно“, изјави : Маријан Радески - планинар.
„Убаво е да се обединуваме за разубавување на нашето Водно бидејќи тоа е нашето здравје, убавината на градот Скопје“, смета Владо Спасовски- студент на Факултетот за безбедност.
За успешна еко - акција доволно е секој да собере по неколку пластични шишиња, кеси или друг отпад. Контејнерите се поставени на Средно Водно, кај Поштенскиот дом и на врвот. Акцијата „За чисто и зелено Водно“ ќе трае две неделии е по иницијатива на Ранко Петровиќ, познат по Радио Буба Мара.
„Многу е едноставно, земете пластично кесе, одберете на која планинарска патека ќе сакате да одите и соберете го отпадот што се наоѓа покрај планинарските патеки на Водно и на било која друга планина“, вели Ранко Петровиќ.
„Ако не чистиме барем да се потрудиме да не оставаме отпад зад себе тоа би било доволно. Кога секој би го практикувал тоа природата би била супер чиста“, вели Игор Атанасоски - Гуру Харе, музичар.
Живееме во време кога околу нас има се помалку површини со зеленило, барем да го зачуваме тоа што го имаме. А, Скопје го има Водно – алтернатива за чист воздух.
Андријана Атанасовска
