Стење добива модерна плажа- се очекува туристички бум во Преспа

30.04.2015 16:22

Се очекува ова лето и Преспа да доживее туристички бум. Природните убавини, надополнети со инвестициите во инфраструктурата и уредувањето на плажите ќе привлече повеќе гости. Следен чекор треба да биде зголемувањето на бројот на сместувачките објекти...

После долги години нешто во позитивна смисла се случува за развојот на туризмот во Преспанскиот  туристички регион. Изградбата на 500 метарската монденска плажа во Стење, е во полн ек. Се работи на сите страни, а резултатите се евидентни.

„Од тоа произлезе идејата за изградба, заедно со Владата, на две супер модерни плажи, едната е тука во Стење. Се работи за инвестиција од над 70 милиони денари“, вели градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски.

Очекувањата се огромни. Ваква плажа како што во моментов се најавува, а и се гради, треба да придонесе не само за поголема посетеност од дневни посетители, туку и од годишно одморци.

„На Стрње му треба една ваква плажа... Во Стење оваа сезона очекуваме 20% пораст на туристи“, велат жителите на овој регион.

После долги години, ова се први сериозни вложувања на брегот на Преспанското Езеро. Деновиве треба да започне изградбата на  уште една плажа на источната страна на Езерото, во Сливница.

 

 

Сандре Темелковски