Патот кон ЕУ поважен од партиските интереси
Патот на Македонија кон Европската Унија е поважен од партискиот и политичкиот рејтинг. Потребни се сериозни одлуки во претстојниот период – евроамбасадорот Орав за политичката ситуација во земјава...

Потребни се многу сериозни одлуки во наредните денови или недели, а тие што ќе ги донесат тие одлуки не треба да ги имаат предвид само партиските или личните интереси, туку предвид дека поддршката кон ЕУ треба да биде барем два пати поголема. Ваква порака за сите политички партии денеска упати Евроамбасадорот во земјава, Аиво Орав. Тој потенцираше дека еу е сериозно загрижена за моменталната состојба на земјата.
„Се надевам дека политичарите сфатија дека нема уште многу време да ги решат овие прашања затоа што ние го пишуваме новиот извештај, технички, но луѓето во оваа земја и политичарите го пишуваат суштински. И доколку не најдеме нешто позитивно да ставиме во нашиот извештај за напредокот на земјата, тогаш комисијата ќе биде во многу тешка позиција во октомври, да препорача отпочнување на преговорите или да не даде препорака“, порача евроамбасадорот Орав.
Вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, побара да се надминат предизвиците со кои во моментот се соочува земјата.
„Импликациите веќе се гледаат во процесот на Европската Унија. Имиџот на Република Македонија во Европската Унија веќе не е ист. За да ја вратиме довербата, ни треба многу, многу повеќе работа и многу поголем чекор напред во однос на она што е наш заеднички интерес, тоа е всушност она што граѓаните го очекуваат од нас“, изјави вицепремиерот Бесими.
Орав и Бесими ваквите пораки ги упатија од заедничката прес- конференција на која ги презентираа активностите што ќе се одржат на 9-ти мај, Денот на Европа.
Катерина Топалова
