Хојт Ји: Опозицијата да се врати во Собранието, властите да се справат со прислушувањето

30.04.2015 17:28

Интеграцијата на Македонија во НАТО и во ЕУ е важна за стабилноста на целиот регион. Влијателниот американски дипломат, Хојт Ји, реферираше за земјава во американскиот претставнички дом. Охрабрување за опозицијата да се врати во Собранието, а властите да го расветлат прислушувањето...

САД мора да останат на Балканот зошто е важен регион за безбедноста во светот. Ги поддржуваме евроатланските интеграции на Македонија, изјави заменикот помошник секретар за Европа и евроазиски прашања Хојт Брајан Ји пред комитетот на Конгресот за надворешни работи. Тој повтори дека опозицијата мора да се врати во парламентот, а властите целосно да ги истражат случаите за наводните злоупотреби од прислушуваните разговори.

„САД ја поддржува евроатланската интеграција на Македонија. Владата да се справи со прислушувањата на начин доследен на евроатланските интеграции. Ја охрабуваме опозицијата којшто во моментов го бојкотира парламентот, да се врати во ова тело и да помогне да се реши кризата“, изјави Хојт Брајан Јизаменик помошник секретар за Европа и евроазиски прашања.

Мислам дека е во интерес на целиот регион Македонија да биде стабилна и безбедна држава. И оваа ситуација со Грција која ја блокира вашата евроатланска интеграција не е е добра и се надевам дека ќе се реши во најскоро време со помош од ЕУ и САД“, смета Иван Вејводапотпретседател на Германскиот Маршалов Фонд на САД.

Конгресмените заклучија дека има напредокот во регионот иако земјите 20 години чекаат на прием во НАТО и во ЕУ.

„Како може да ги критикуваме државите кои 20 години работат на интеграцијата, а ние се уште се трудиме по 230 години да направиме совршена унија. Само да потсетам што деновиве се случува на неколку милји од овде во Балтимор“, нагласи Грегори Микс-конгресмен-демократ од Њујорк.

Претсдавачот на комитетот Дејна Рорабахер им забележа на претставниците на Стејт Департментот дека во некои случаи имаат двојни стандарди. Конгресмените се загрижени и за руското влијание на Балканот.

Членовите на комитетот за надворешни работи на Конгресот најавија дека наскоро ќе го посетат регионот на Западниот Балкан. 

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ