Амбасадорите на средба со Ахмети и Заев
Амбасадорите на САД, ЕУ, Германија, Велика Британија, Франција и Италија денеска на средби со лидерите на ДУИ и СДСМ. По вчерашните состаноци со претседателот Иванов и премиерот Груевски, попладнево на состанокот со Ахмети по кој упатија порака. Средбата со Заев се ште трае...

ДУИ има обврска да помогне да се изградат државните институции и да осигура транспарентна истрага на кредибилен начин. Ова е една од главните поенти во изјавата на италијанскиот амбасадор ернесто Масимо Белели кој ја даде во име на амбасадорите на САД, ЕУ, Германија, Велика Британија, Франција и Италија по средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Повикаа партијата на ДУИ како дел од владината коалиција да понесе одговорност за демократските вредности и принципи во земјава. Да ја слушнеме изјавата.
„Ја поздравуваме конструктивната улога на ДУИ за време на викендов, вклучително и во Советот на безбедност. Ја повикуваме партијата да продолжи да работи со сите страни и институции. Kако дел од владејачката коалиција, ДУИ е одговорна за спроведување на демократските вредности и принципи. Партијата има обврска да помогне да се изградат државните институции и да осигура транспарентна истрага за откриените злоуопотреби на кредибилен начин. Се надеваме дека ДУИ ќе ја искористи влијателноста за доброто и иднината на сите македонски граѓани“, соопшти амбасадорот Белели.
Лидерот на ДУИ, Ахмети, не даде изјава за медиумите и си замина по средбата.
Инаку,во моментот се уште трае средбата на амбасадорите со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. По завршувањето е најавена изјава од германската амбасадорка.
За потсетување, амбасадорите во овој состав вчера ја започна серијата средби, најпрво со претседателот Иванов, а потоа и со премиерот Груевски. Изразија длабока загриженост за состојбата. Освен за терористичкиот напад од викендот, амбасадорите разговарале и за прислушувањето и актуелната политичка ситуација.
Побараа владата да преземе соодветни политички и законски мерки против одговорните и уште еднаш повторија дека е потребно да се работи на независност на судството како и на медиумите.
Катерина Топалова
