Ќе се формира анкетна комисија за прислушувањето

13.05.2015 16:50

Собранието ќе формира анкетна комисија за случајот „прислушувани разговори“. Се чека на опозицијата да се врати во Парламентот за нејзин човек на претседава со комисијата. По пораките од меѓународниот фактор за решавање на кризата, Груевски повлече уште еден чекор. Мини- реконструкција во неговиот кабинет...

Заклучок за формирање на Анкетна комисија за утврдување на аспектите и наводите поврзани со случајот со прислушкувани разговори, е донесен на Координативната средба меѓу претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, собраниските потпретседатели и координаторите на пратеничките групи. Ќе се реализира кога СДСМ ќе се врати во парламентот и ќе ја води претставник на опозицијата.

„Анкетната комисија ќе биде формирана во оној момент кога пратениците од опозицијата кои припаѓаат на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и останатите партии во коалицијата ќе се вратат во Парламентот, што впрочем претставува клучна порака од меѓународната заедница. Со анкетната комисија ќе претседава пратеник од опозицијата“, пишува во соопштението од Кабинетот на собранискиот претседател.

Највлијателните дипломати во земјава кои изминатите денови имаа интензивни средби во владата со премиерот Груевски и лидерите на ДУИ и СДСМ, Ахмети и Заев побараа преземање конкретни чекори за нормализирање на политичката состојба.

Пораката за владата беше да преземе активности за содржината на објавените разговори, за ДУИ, како коалициски партнер, да се однесува одговорно во спроведувањето на демократските вредности и принципи, а за СДСМ, дека треба да се врати во парламентот зашто институцијата останува клучен инструмент за политички дијалог.

Владата направи потег. Министрите Јанкулоска и Јанакиески, како и шефот на УБК, Мијалков, поднесоа оставки во кои рекоа дека веруваат оти со нивното повлекување од функциите ќе придонесат за надминување на политичката криза.

 

Миле А. Ристески