Богата биографија зад новите владини министри

13.05.2015 17:00

Чавков ќе го предводи МВР, а со транспортот ќе раководи Мисајловски. Зад новите владини министри стои богата биографија...

Митко Чавков и Владо Мисајловски се новите министри во кабинетот на премиерот Никола Груевски. Чавков ќе го предводи МВР, а со транспортот ќе раководи Мисајловски. Зад новите владини министри стои богата биографија.

Митко Чавков работниот век го почнува во МВР, потоа работи како инспектор во УБК, па началник на секторот за криминалистичка полиција, виш инспектор за дрога, началник на секторот за криминалистичка полиција во Струмица. Чавков работел и како главен инспектор за финансиски криминал, а бил и директор на Бирото за јавна безбедност при МВР.

Новоизбраниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски досега ја вршеше функцијата директор на Јавното претпријатие за државни патишта каде во моментов води крупни проекти за изградба на три автопати во Македонија, голем број на градби и конструкции на регионални и на локални патишта.

Дипломирал на Факултетот за политички науки и меѓународни односи во Скопје на отсекот дипломатија и меѓународна политика каде завршил и магистерски студии. Работел како помлад соработник и како советник за меѓународна политика во кабинетот на Претседателот на Собранието, а советник бил и во Општина Ѓорче Петров, каде бил и претседател на Општинската комисија за прашања, избори и именувања.

Во Општина Центар, Мисајловски работел како раководител на секторот  за поддршка на активностите на градоначалникот. Претходно ги вршел функциите државен секретар во министерствата за надворешни работи и за транспорт и врски.

 

Викторија Тодоровска