Олбрајт: Спорот за името е апсурд

14.05.2015 09:39

Сите ја нарекуваме државата како Македонија иако спорот за името се уште не е решен, вели поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт додавајќи дека разликата околу името во моментов не е најважно прашање бидејќи стигаат вознемирувачки вести за нови екстремистички активности во земјата...

Никогаш не можев да ја разберам лудоста на спорот со името, но денеска сите државата ја викаме Македонија, вели поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт откривајќи детали од пред 20-сетина години кога беше американски амбасадор во Обединетите нации.

„Прашањето беше каде алфабетски ќе биде ставена Македонија, дали под ‘ел’ бидејќи е блиску до ‘ем’ како за Македонија или под ‘еф’ како поранешна. Најсериозно оваа дебата траеше и траеше, и беше една од најлудите дебати на сите времиња. Немам идеја кога ќе се реши спорот, но сите денеска ја викаме Македонија“, изјави за МРТ, Медлин Олбрајт, поранешен американски државен секретар.

По терористичкиот напад во Куманово, Македонија има поголем проблем отколку името, оценува Олбрајт.

„Кога читаме за настаните од последната недела, навистина е вознемирувачки. Повторно се работи за некакви екстремистички активности и поделба во разни етнички групи, дали е вмешано Косово или Грците. Мислам дека прашањето за името во моментов не е најважно прашање. Ние не сакаме да видиме влошување и сега е време нешто да преземеме, а не кога ќе стане полошо“, додава Олбрајт.

Според Олбрајт, Соединетите Американски Држави мора да останат присутни во Европа и на Балканот, за да помагаат при интеграцијата и спречувањето на нови конфликти.

64-та американска државна секретарка Медлин Олбрајт денеска е професор на универзитетот Џорџтаун и претседател на Фондацијата Стоун Бриџ во Вашингтон.

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ