Рајхел: Власта и опозицијата да најдат излез од кризата

15.05.2015 14:53

Протестите се демократско право, но не смеат да бидат насилни, оценува германскиот дипломат...

Ернст Рајхел, специјалниот пратеник на бундесканцеларката Ангела Меркел за Југоисточна Европа и Турција, по средбите во Скопје со министерот за надворешни работи, Никола Попоски, со вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими, како и со лидерите на ДУИ и СДСМ, Али Ахмети и Зоран Заев повика на надминување на политичката криза и смирување на безбедноснатанапнатост.

Протестите се демократско право, но не смеат да бидат насилни, оценува германскиот дипломат.

„За настаните кои се најавени за в недела и понеделник, Германија потполно го поддржува фундаменталното демократско право на граѓаните на мирен протест, при што бараме од сите страни да се воздржат од насилство. За изнаоѓање на излез од сериозната криза, бараме од владата и опозицијата да покажат и да ја споделат одговорноста. Оттаму, навистина ја поздравуваме и поддржуваме вчерашната средба на четирите партиски лидери на која присуствуваа и од Европската унија и од САД.  Наша искрена надеж е дека овој формат на состаноци ќе води кон спогодби што ќе ја вратат довербата во државните институции и демокртатски процеси“, изјави специјалниот пратеник Рајхел.

Иако во својата изјава ниту на едно место не ја нарече Македонија, Рајхел во името на германската федерална влада и изрази целосна поддршка на земјава за членство во НАТО и ЕУ.