Втората лидерска средба без епилог, закажана нова на 26-ти мај
И втората лидерска средба на која се бараше начин за нормализирање на политичката состојба, заврши без конкретен епилог. Лидерот на СДСМ, Заев изјави дека останува на неговите барања. ДПА имала предлози за надминување на ситуацијата. Она што е извесно е дека повторно ќе се сретнат идниот вторник...

И втората лидерска средба заврши без договор меѓу 4-те најголеми партии во земјава,на којашто присуствуваа амбасадорите на САД и на Европската Унија,Џес Бејли и Аиво Орав. Разговорите продолжуваат идниот вторник. Според лидерот на СДСМ Заев,на маса не бил ставен никаков предлог,туку само се разгледувале принципите како што рече за меѓусебна рамноправност и принципиелност, со вклученост на меѓународниот фактор. Заев тврдеше дека на лидерската не побарал формирање преодна влада,која ја смета како широк термин со повеќе алтернативи, но барањето останува.
„Дава повеќе алтернативи на таа преодна влада, која може да биде технократска, од администрацијата, експертска, може да биде и политичка, но не сме дошле воопшто да разговараме за сите овие наши барања или барања на било кој од страните. Ние го аргументираме нашето барање како независна институција која што ќе биде влада во одреден период, заради враќање на сите состојби во нормала и подготовка на Македонија за предвремени парламентани избори“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Додека траеше средбата, од СДСМ брифираа дека опозицијата бара преодна влада без Груевски, па потоа рамка за разговорите и дека ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА настапиле со усогласени ставови. Од СДСМ информираа дека ДУИ излегле со писмен предлог разрешницата за политичката криза да се бара низ анкетни комисии.
Од ВМРО-ДПМНЕ негираат дека Груевски го прифатил предлогот. Велат дека само побарал време за консултации во партијата кадешто би се разговарало за предлогот на интегративците.
Од ДУИ со информација дека засега не размислуваат за излегување од Владата. За ДПА клучно е да продолжи дијалогот, а сите предлози добро да се анализираат.
„Се што ќе се договори ќе биде договорено помеѓу сите политички партии, и албанскиот фактор ќе биде активно вклучен, и тие и ние ќе излеземе со конкретни барања“, изјави Луан Треси, портпарол на ДПА.
Еден од основните принципи треба да биде- се што ќе се договори во иднина, да се имплементира.
Како ќе се одвива политичката криза во Република Македонија, многу ќе зависи и од утрешната средба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со европратениците во Стразбур.
Милчо Велески
