Минимално откажување на аранжманите во Охрид

20.05.2015 17:16

Иако се минимални, сепак има откажувања на дел од аранжманите на странските туристи кои требаа да се одмораат на охридското крајбрежје. Како што на денешниот состанок заклучија претставници на хотелиерите и локалната самоуправа тоа се должи на моменталната политичка состојба во земјата, но уште повеќе поради дезинформациите кои се пласираат во странските медиуми...

Процентот на откажувања на аранжманите за целата туристичка сезона засега е минимален,но она што ги загрижува охридските хотелиери и угостители е тоа што тој тренд продолжува. Поради тоа тие во соработка со локалната самоуправа ќе побараат од надлежните државни органи да се изнајдат начини како да се амортизираат негативните извештаи во странските медиуми и насоките кои до своите граѓани ги упатуваат дипломатските претставништва во земјава.

„Се делува директно да се поканат дипломатските претставници од странските држави во Република Македонија да го посетат Охрид, да ја видат целосната состојба во градот од сите аспекти,не само од безбедносен и да им се предочи дека Охрид е максимално подготвен да ги пречека и угости сите туристи“, изјави Ѓоко Апостолов, раководител на ТЛЕР-општина Охрид.

Треба да се делува и преку нашите амбасади, особено во земјите од каде што доаѓаат најголем број туристи,за тие преку медиумска кампања да ги запознаат тамошните граѓани за реалната состојба во Македонија.

„Постои одредена загриженост кај нив од она што се пренесува преку медиумите“, вели Наум КоруноскиХотел „Силекс“.

Од СВР Охрид гарантираат мирно лето и во таа насока покрај мешани полициски патроли со српски полицајци најавуваат слична соработка и со холандското министерство за внатрешни работи.

„Да го активираме нашето полициско работење превентивно и со МВР на Холандија и во таа насока да им дадеме уште еден сигнал повеќе на холандските и другите туристи дека со присуството на нивни полициски службеници можат да се почуствуваат многу повеќе слободни,безбедни и сигурни во Охрид“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Доколку се реализира договореното на денешниот состанок може да се очекува поуспешна туристичка сезона од лани, бидеќи претсезоната е една од најуспешните во изминатата деценија.

Сашо Нелоски