Телефонската линија за медицински совети – Ало докторе досега со 36.000 повици
22.05.2015 09:39
На телефонската линија „Ало докторе“, соопшти Министерството за здравство, се добиваат медицински совети за здравствени состојби кај кои може да се делува со симптоматска терапија...

На телефонската линија за медицински совети „Ало докторе“, која Министерството за здравство ја воведе пред околу осум месеци, досега се регистрирани 36.000 телефонски повици од граѓани кои побарале стручни совети за различни здравствени состојби.
На телефонската линија „Ало докторе“, соопшти Министерството за здравство, се добиваат медицински совети за здравствени состојби кај кои може да се делува со симптоматска терапија. Со воведувањето на оваа телефонска линија се овозможи и растоварување на повиците кон Итната медицинска помош.
Граѓаните најчесто се консултираат за здравствени проблеми со висок крвен притисок, зголемена телесна температура, главоболка, како и во врска со нега на новороденчиња, исхрана на новороденчиња и сл.
Повикувачкиот центар е сместен во просториите на Итната медицинска помош до поликлиниката Букурешт. Бројот (02) 15123 е достапен 24 часа за граѓаните од целата држава, а за одговарање на повиците се ангажирани 22 доктори од повеќе медицински специјалности.
