По пет децении, ново училиште во скопска Железара

27.05.2015 14:40

На местото на старите бараки, се изгради целосно ново училиште, во кое се школуваат 500 основци. Инвестицијата е вредна над 72 милиони денари...

По пет децении, учениците од основното „Григор Прличев“ во скопска Железара добиваат современи услови за настава. На местото на старите бараки, се изгради целосно ново училиште, во кое се школуваат 500 основци. Инвестицијата е вредна над 72 милиони денари, а проектот е реализиран со кредит на Светска банка.

„Ние што ја градиме иднината на Македонија, ние сме тие што од мали човечиња градиме големи луѓе, кои ги воспитуваме во духот на изградба на нашата земја“, изјави Сузана Танева, директор на ОУ „Григор Прличев“.  

„Овие два проекти се уште еден доказ дека ветеното го реализираме на дело. Така ќе продолжиме и во иднина, во подобрување на условите за учење на нашите ученици и градење на спортски капацитети“, вели Тони Трајковски, градоначалник на Гази Баба.

Летово почнува реконструкцијата на 29 училишта низ земјава, за што ќе се вложат 186 милиони денари.

„Од 2006 година до денес имаме изградено 70 нови училишта, а 350 објекти се опфатени со реконструкција и санација. За оваа намена се инвестирани 2,56 милијарди денари“, рече премиерот Никола Груевски.

Освен нова училишна зграда, отворено е и тениско игралиште, кои треба да придонесе за развивање на спортскиот дух на младите од овој крај.      

 

Игор Панов