Груевски: Владата презеде мерки за да им се помогне на граѓаните од Дива населба
Одговарајќи на пратеничкото прашање на Орхан Ибраими од ДПА, премиерот Груевски посочи дека на првата владина седница по случувањата во Куманово е донесена одлука на 125 семејства од Дива населба да им се исплати првична помош од 100 илјади денари по семејство...

Владата води сметка и презема чекори со кои целосно им се помага на луѓето од кумановската Дива населба кои немаат никаква вина за настаните што се случија, а претрпеа штети по нивниот движен или недвижен имот, истакна премиерот Никола Груевски на денешната собраниска седница.
Одговарајќи на пратеничкото прашање на Орхан Ибраими од ДПА, премиерот Груевски посочи дека на првата владина седница по случувањата во Куманово е донесена одлука на 125 семејства од Дива населба да им се исплати првична помош од 100 илјади денари по семејство, а веќе е направена и теренската проценка на штетите од страна на формираната комисија од Владата.
Проценката е завршена и на следната седница на Владата треба да биде усвоена по што ќе следи исплатата од 100-процентен износ. Над 80 куќи се оштетени повеќе или помалку, а околу 16 се сериозно оштетени така што на сите 100 отсто ќе им биде покриена штетата, нагласи Груевски.
Тој додаде дека е донесена и одлука на семејствата во чии куќи има големи оштетувања да им се овозможи привремен престој и да им плаќа кирија се до моментот додека не се обнови нивниот уништен дом.
