Совет за етика: Говор на омраза во медиумите
34 претставки за непрофесионално работење на новинарите пристигнале до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите. Најголемиот дел од нив се поплаки од новинари по написи на нивни колеги од други медиуми и тоа за клевета, навреда и говор на омраза. Но, претставки стигнувале и од граѓаните и од политичарите. 9 се отфрлени како неосновани, а 4 се решени по пат на медијација...

Новинари против новинари – морална сатисфакција побарале од Советот за етика откако биле навредени од свои колеги и побарале јавно извинување. Фелата на седмата сила најмногу се жали на неетичко новинарство. Во последните шест месеци новинарите испратиле најмногу поплаки до Советот за етика. Но, претставки испраќале и политичари, граѓани, организации како и Претседателот на државата и Омбудсманот.
„Основата за праќање претставки е присутноста на говор на омраза во медиумите, неточни и неурамнотежени информации, нарушување на угледот на засегнатите, клевета, навреда, дискриминација итн“, вели Марина Тунева, извршен директор на СЕММ.
Од 34 поплаки колку што разгледувала Комисијата за жалби, 17 се основани, а 9 неосновани. 4 решени по пат на медијација, 2 задоцнети, и по една повлечена и отфрлена.
„Во изминатиот период до Комисијата не дојде ниту една претставка која би се однесувала на преземени содржини, текстови, видеа и фотографии, иако во разговори со колегите, особено од порталите, ова се смета за многу честа појава“, изјави Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ.
Советот за етика е тело за саморегулација на медиумите. Освен морална, не изрекува никаква друга санкција, и им налага на професионалните медиуми кои погрешиле во информирањето да објават демант, извинување или исправка во ист формат како што бил текстот со кој се повредени професионалните стандарди на новинарството.
Анита Димитријевска
