Истражување: Пациентите задоволни од функционирањето на „Мој термин“
Речиси 70 проценти од пациентите рекле дека лекарите го почитуваат закажаното време за преглед, а евентуалните задоцнување се во просек по половина час. Најмалку се почитува закажаното време за преглед на Kлиниките за пулмологија, за неврологија, за урологија и во општите болници во Oхрид и Струга...

Пациентите генерално се задоволни од функционирањето на системот „Mој термин“ - покажало истражувањето во кое анкетирани биле 3.600 граѓани. Речиси 70 проценти од нив рекле дека лекарите го почитуваат закажаното време за преглед, а евентуалните задоцнување се во просек по половина час. Најмалку се почитува закажаното време за преглед на Kлиниките за пулмологија, за неврологија, за урологија и во општите болници во Oхрид и Струга.
„За секоја од овие клиники кои што ги споменав, каде задоволството е на едно пониско нив, министерството за здравство преку тимот за имплементација на „Мој термин“ има направено контрола и има дадено препораки. Ако тие препораки соодветно се применат сигурен сум дека наредното истражување кое што ќе го направиме ќе покаже подобрување на задоволството од оваа услуга“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.
Забелешка има и од медицинските тимови - дел од закажаните пациенти доаѓаат по неколку часа порано, други пак воопшто не се појавуваат. Надлежните велат, системот за електронско закажување „Мој термин“ ја искачи Македонија неколку места на европската скала.
Според рангирањето на Европскиот здравствен потрошувачки индекс, земјава има остварено напредок од 11 места за само една година. Една од клучните реформи е електронскиот систем „Мој термин“.
Андријана Атанасовска
