Случувањата во Куманово во фокусот на седницата за пратенички прашања
Премиерот Груевски на денешната седница за пратенички прашања соопшти дека е исплатена првична помош за над 100 семејства чии домови беа оштетени по акцијата во Куманово. На следната владина седница ќе се разгледа извештајот за проценката на штетите. Вицепремерот Пешевски со став дека политичката криза на краток рок нема да влијае на економските текови, но, на долг последици ќе се почувствуваат...

Првична помош во износ од 100.000 денари е исплатена на 125 семејства. Премиерот Груевски на седницата за пратенички прашања најави дека проценката на штетите по акцијата во Куманово ќе биде разгледана на следната владина седница и стопроцентно ќе бидат обештетени сите чии домови се оштетени.
Пратениците од опозициската ДПА го отворија прашањето за санацијата на штетите и луѓето кои ги напуштиле своите домови.
„Што презема Владата - ако направиме споредба дека со години иселените македонци од Липково се сместени во колективни домови со материјална поддршка од Владата“, праша пратеникот на ДПА, Охран Ибраими.
„Владата води сметка и презема чекори со кои целосно им се помага на луѓето од кумановската Дива населба, кои немаат никаква вина за настаните што се случија, а претрпеа штети по нивниот движен или недвижен имот. На некој начин дадена е и првична помош, следува целосно обештетување, како и привремен престој во станови и куќи изнајмени под кирија, која ја покрива државата“, истакна премиерот Никола Груевски на денешната собраниска седница.
Во врска со евентуални последици врз инвестициите од политичката криза, вицепремиерот Пешевски рече дека на краток рок нема да има поместувања, но, на долг рок ќе се почвуствуваат последиците во економскиот раст.
„Ова што го прави опозицијата, дури и утре да се надмине, и да се најде целосно решение, негативните ефекти ќе се чувствуваат со години. Кај определени инвеститори од странство веќе гледаме сигнали за одложување на своите инвестициони одлуки за Македонија, оние кои што донеле одлука за почеток со градба, сакаат да почекаат еден месец до два“, рече вицепмремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Пратениците се интересираа за екологијата, садењето палми, за инфраструктурни проекти и туризмот.
Миле А. Ристески
