Груевски: Македонија е посветена и фокусирана на реформите

28.05.2015 15:06

Паралелните преговори за полноправно членство со преговорите за разрешување на билатералното име, ќе дадат дополнителен стимул за надминување на многу проблеми, посочи во своето обраќање на Виенскиот економски форум, премиерот Никола Груевски...

Македонија е фокусирана на реформите, за нас е важно што поскоро да почнеме преговори со Европската Унија. Паралелните преговори за полноправно членство со преговорите за разрешување на билатералното име, ќе дадат дополнителен стимул за надминување на многу проблеми, посочи во своето обраќање на Виенскиот економски форум, премиерот Никола Груевски.

„Во нашата земја којашто е мултиетничка, дополнително би рекол дека европските и евроатлантските интеграции се главен кохезивен фактор меѓу различните етнички заедници. Од оваа гледна точка Македонија е посветена и фокусирана на реформите и на сето она што подразбира поскора подготовка за влез во ЕУ. За нас е исклучително важно што е можно поскоро да ги отпочнеме преговорите со ЕУ. Примерот на Словенија и на Хрватска може да послужи како добар пример за нас и Грција. Во нашиот случај би имало паралелни преговори со нашиот јужен сосед за разрешување на билатералното прашање, а истовремено тоа би биле и паралелни преговори за полноправно членство“, рече премиерот Груевски.

Шефови на влади и претставници на извршната власт од осум земји, во Тирана годинава дискутираат на тема „Од Берлин до Виена– враќање на геополитичката сигурност за Западниот Балкан“.