Верушевски на суд за недозволено поседување оружје

04.06.2015 11:14

Адвокатот на Верушевски, тврди дека едниот пиштол неговиот клиент го добил во 1983 година, додека вршел службена должност и е регистриран во евиденцијата на МВР и за него не е потребно да се има дозвола...

Второ продолжение на судскиот процес против поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски за недозволено поседување оружје.

Првото беше одложено поради отсуство на адвокатите. Обвинението за случајот до скопскиот Кривичен суд беше доставено кон крајот на март. Според МВР, при претрес во домот на Верушевски биле пронајдени два пиштола за кои, како што тврдат, не поседувал дозвола.

Адвокатот на Верушевски, тврди дека едниот пиштол неговиот клиент го добил во 1983 година, додека вршел службена должност и е регистриран во евиденцијата на МВР и за него не е потребно да се има дозвола.

И вториот пиштол бил регистриран, а Верушевски го добил како награда во 97-та година, од тогашниот министер за внатрешни работи Чокревски.

Верушевски, освен за поседување оружје, е првоосомничен во случајот „Пуч“ заедно со уште 4-ца, меѓу кои и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за шпионажа и насилство спрема претставници на највисоки државни органи.