Економија

16 компании добија пари од Фондот за иновации

22.06.2015 15:50

Финансиска поддршка на иновативни проекти. Потпишани се првите договори со Фондот за иновации и технолошки развој. 16 компании, чиишто проекти беа оценети како најквалитетни, ќе добијат над 450 илјади евра. Бизнисмените велат – парите се клучни за развојот...

16 бизниси ги потпишаа договорите со Фондот за иновации и технолошки развој. Старт-ап и спин-оф компании од информатичко – комуникацискиот сектор, електрониката, производството на машини, фирми од прехранбениот сектор, но и од индустријата за видеоигри, ќе поделат вкупно 458 илјади и 700 евра неповратни средства.

„Оваа поддршка е многу значајна за старт – ап компаниите во Македонија, ќе им овозможи повеќе да се фокусираат на развојот на производите и на иновациите. Овие средства ќе ни помогнат за да го забрзаме развојот на нашата компанија“ – изјави Никола Бојков, добитник на пари од Фондот за иновации.

„Ние сме мала компанија со ограничени ресурси за развој и за истражувања. Овие средства ќе ги искористиме за развој и се добредојдени да профилираме одреден продукт и поагресивно да настапиме на светскиот пазар“, изјави Бојан Ѓуричиќ, добитник на пари од Фондот за иновации.

Компаниите кои ставија потпис на договорите велат дека процедурата за аплицирање  за парите од Фондот ја завршиле лесно. На повикот се пријавиле 78 предлог – проекти, од кои последниот филтер го минаа 16. Се финансираат новоосновани микро, мали и средни претпријатија не постари од шест години со максимални 30 илјади евра. Од Фондот велат дека наесен ќе биде распишан нов повик за сите четири инструменти на Фондот, во вредност од речиси 1,7 милиони евра.

„Ние сме задоволни од интересот, од бројот на пристигнати апликации, но и од иноваттивноста на пристигнатите предлог – проекти“, констатира Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновавии и технолошки развој

Премиерот Груевски, кој се обрати пред компаниите, рече дека Владата ќе продолжи да ги поддржува иновативните проекти, но и претприемачкиот дух меѓу младите уште во текот на образовниот процес. За иновативните компании пари ќе има и во следниот период.

„Вкупниот буџет за поддршка за 2015-та година изнесува 2.280.00 евра, а заклучно со 2017-та година за оваа намена имаме предвидено вкупно 10 милиони евра. Се надевам дека вашиот пример ќе го следат и многу други компании и дека на наредните повици ќе има уште повеќе квалитетни идеи за поддршка“, нагласи премиерот Никола Груевски.

Според Груевски, поддршката е неопходна за анагажирање на сиот креативен и иновативен потенцијал со кој располага Македонија.

 

Мартин Пушевски