Реални можности за вработување на младите
Невработените млади лица ги дочекаа најновите владини мерки за потикнување на вработувањето. Поволностите од ваквите пакети од разни причини потешко ги восприемаат младите од социјално ранливите семејства. Македонските граѓански здруженија се дел од регионалниот проект во кој се вклучени уште седум држави, а е подржан и од Европската Комисија. Целта е да се понудат иновативни модели за потикнивање на вработувањето на младите...

Мерките од владиниот оперативен план за намалување на невработеноста доаѓаат во вистинско време затоа што бројката на невработени лица од 15-24 години изнесувала 50 посто од вкупната бројка. Ваквата состојба е рузултаат на тоа што во изминатите години не се отворале доволно работни места, формалното образование не произвело адекватни квалификации што ќе овозможат активно вклучување на пазарот на трудот како и нефункционирањето на каналите за информации за мерките кои се веќе достапни за вработување, посебно кај младите од социјално ранливите семејства- истакнаа на тркалезната маса битолските претставници во регионалниот проект „Платформа за иновации во областа на младинската невработеност во југоисточна Европа“. Сметаат дека за младите од ранливите категори конечно се отвараат реални можности.
„Мерките од олеснителните пакети мора да допрат најпрво до оваа категорија на млади луѓе, а мислам дека вистински ќе добијат шанси преку проектот Македонија Вработува“, вели програмскиот директор на битолскиот МКЦ, Мери Нашоку.
Овој регионален проек има за цел да ги скенира состојбите, но и да даде препораки како да се засилат активностита за намалување на младинската невработеност.
„Идејата е да видиме и кои модели би функционирале кај нас, како да се применат и се со една цел намалување на невработеноста на младите“, вели извршниот директор на битолскиот МКЦ, Златко Талевски.
Какви ќе бидат понудите ќе може да се види откако осумте земји- учеснички во проектот подржан од Европската Комисија ќе изготват општ регионален, а секоја земја посебно и национален базичен извештај, кој би помогнал за подобрување на политиките и практиките на намалување на младинската невработеност.
Стевче Митревски
