За 2.800 денари месечно, граѓаните ќе можат да си го откупат стажот

23.06.2015 17:04

Работниците чиишто фирми не ги плаќале редовно придонесите или оние кои имаат кусок во пресметката, со новата мерка ќе можат полесно да заминат во пензија...

Ќе се надминат проблемите на многу работници чиишто фирми  не им ги плаќале редовно  придонесите, а сега не постојат, односно се згаснати поради стечај или ликвидација. Тие неретко поради кусок на неколку месеци или години не можат да го остварат правото на пензија.

Со мерката на докуп на стаж, која веќе стапи во сила, секој работник кому работодавецот не му ги плаќал редовно придонесите за пензиско и инвалидско осигурување  ќе може да ги плати на рати, со намалување на основицата за половина.

„Ќе се овозможи граѓаните самоиницијативно да извршат уплата за придонесите за оној стаж кој им фали за да го остварат правото на пензија. Пресметките од Министерството за труд и социјална политика говорат дека на месечна основа, сумата која би требало да биде платена за еден месец изнесува околу 2.800 денари, додека вкупната сума за откуп на стажот би требало да ја платат во рок од 12 месеци“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата на РМ.

Надлежните проценуваат дека во наредните 3 до 5 години ќе има најмногу до 2 илјади пензионери кои ќе ја искористат оваа мерка. Постапката за докуп  е едноставна,со поднесување барање до матичната филијала во Фондот за ПИОМ која ги врши сите проверки  и  ги обезбедува податоците по службена должност  од другите регистри. Синдикатот смета дека на овој начин се решава долгогодишниот проблем на работниците од пропаднатите фирми, кои ќе можат да го остварат правото на пензија, односно нејзино зголемување.

Само лани до ССМ биле регистрирани 1.500 барања поврзани со проблеми околу неплатени придонеси за пензиско осигурување.

 

Свето Николовски