Со иновации до поголема конкурентнст и раст на компаниите

24.06.2015 16:23

Власта смета дека е потребно ревидирање на стратегијата за иновации. Според вицепремиерот Пешевски, важно е да се подигне свеста на компаниите, комуникацијата меѓу бизнисот и научната фела ќе го забрза процесот на иновации...

Само мал дел од македонските компании вложуваат во иновации и истражувања, што влијае на конкурентноста на фирмите- покажуваат анализите на бизнис секторот. Предизвиците се големи, иновативните процеси се значајни за растот на компаниите, вели претседателката на Сојузот на стопанските комори.

„Загрижувачки е оној дел што во истражувањето и развојот македонските компании издвојуваат многу минимални средства и практично овие иновативни сегменти во една комапнија се маргинализирани“, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.

Власта смета дека е потребно ревидирање на стратегијата за иновации. Според вицепремиерот Пешевски, важно е да се подигне свеста на компаниите, комуникацијата меѓу бизнисот и научната фела ќе го забрза процесот на иновации.

„Кои се новите пристапи кои би можеле да се вградат како дел од политиките на владата, но да видиме што треба да направат и другите чинители во општеството за да го забрзаме развојот на иновациите. Се разбира главната цел е подигнување на конкурентноста на македонските компании“, смета вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

Статистиката покажува дека расте бројот на иновативни фирми, вели академик Таки Фити, но во вкупната економија тоа е мал процент. Нема истражувачи во компаниите, а производите се со намалена вредност.

„Иновативноста и кај нас функционира. Прептријатијата што се иновативни имаат 15% побрз раст на продажбата отколку неиновативните. Имаат 8% пораст на продуктивноста“, вели академик Таки Фити.

Дел од оваа програма е и фондот за иновации преку кој 16 компании добија почетни средства од половина милион евра. До крајот на годинава ќе се доделат уште 1,5 милиони евра. Искуствата покажале дека иновативните компании растат побрзо, а продуктивноста е на највисоко ниво.

 

Дијана Ценевска