Одобрени над 20 милиони евра субвенционирани станбени кредити

25.06.2015 16:10

Над 20 милиони евра одобрени субвенционирани станбени кредити, со поддршка на проектот „Купи куќа, купи стан“. Интересот расте, а проектот фати добар залет вели за МРТ, вицепремиерот и минстер за финансии, Зоран Ставрески. Тој најавува нов карван и саеми од септември...

Над 20 милиони евра субвенционирани станбени кредити одобриле банките, преку проектот „Купи куќа, купи стан“, a речиси 600 семејства досега го решиле прашањето за сопствен дом. Вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески за МРТ вели дека државата помогнала со 3,5 милиони евра субвенции преку овој проект.

„Проектот „Купи куќа, купи стан“ фати добар залет. 593 семејства во Македонија го решија станбеното прашање, прашањето за сопствен дом со проектот „Купи куќа, купи стан“. За илустрација, со овој проект банките досега имаат одобрено вкупно 20 милиони и 250 илјади евра станбени кредити, што се поддржани со над 3,5 милиони евра субвенции“, вели вицепремиерот.

Во Скопје најмногу кредити се одобрени во општините Кисела Вода и Аеродром. Во Битола 40, Струмица- 31, Куманово 30-тина. Ставрески објаснува дека проектот е добар токму во оној првичен период, кога е најтешко, кога луѓето собираат од секаде пари за да ја стокмат ратата, а владата со овој проект помага тие да можат да ги пребродат овие првични години.

„Математиката е следна- ако еден граѓанин земе станбен кредит од 40 илјади евра, плаќа месечна рата од околу 250 евра- половина од оваа месечна рата преку проектот „Купи куќа, купи стан“ плаќа државата. Ако станува збор за куќа, поддршката од државата е поголема“, објаснува министерот.

Преку директни средби, граѓаните многу подобро се информираат за можностите што ги нуди проектот- велат од министерството за финансии.. Најавуваат нов карван и саеми од септември, каде сите оние кои сакаат да земат кредит и да го решат прашањето на сопствен дом ќе ги добијат информациите и од банките и од градежните компании.

 

Билјана Василева- Трендафилова