Самовработување

Шанса за сопствен бизнис за 500 невработени

25.06.2015 16:38

Агенцијата за вработување објави дел од кандидатите кои ќе ја користат неповратната финансиска помош од државата, како дел од програмата за самовработување...

500 невработени во наредниот период ќе добијат шанса да почнат свој бизнис. Агенцијата за вработување објави дел од кандидатите кои ќе ја користат неповратната  финансиска  помош од државата, како дел од програмата за самовработување. Ова е дел од листата на кандидати кои ги исполнија условите да добијат неповратни 3.500 евра за сопствен бизнис.

Комплетната листа ќе биде објавена во понеделник кога ќе се доделат сертификатите и ќе бидат потпишани договорите. Веднаш потоа лицата ќе може да почнат со набавка на материјалите, неопходни за стартување на бизнис активностите. Интерес има за отворање на фризерници, колонијали, угостителство, производство на мебел, такси.

„Агенцијата за вработување на РМ веќе има објавено дел од кандидатите кои се стекнаа со правото да ја користат неповраната финансиска помош од страна на државата. Комплетната листа ќе биде објавена заклучно со понеделник, кога ќе следува и официјалното доделување на сертификатите за отпочнување на бизнис“, изјави портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев.

Освен овој, во тек е вториот оглас од оваа програма. Сите кои имаат еден ден стаж во Агенцијата за вработување може да аплицираат. Според Ѓоргиев, процедурата е едноставна, а ова е добра можност  да се искористат овие финансиски средства за отворање на сопствен бизнис.

Годинава оперативниот план на Владата предвидува намалување на невработеноста и субвенции од 10 милиони евра и отворање на 8.000 нови работни места.

 

Дијана Ценевска