Тунис: Масакр на плажа во Сус, најмалку 27 жртви
За време на нападот кој бил изведен во близина на хотелот Империјал се слушале истрели и една посилна детонација. Медиумите јавуваат за различен број на напаѓачи, но потврдено е дека најмалку еден од нив е убиен во престрелка со полицијата...

Паника во Тунис откако терористи вооружени со калашникови нападнаа плажа пред два хотела во туристичкото место Сус на 150 километри од престолнината Тунис при што убија најмалку 27 лица и ранија повеќемина. Најголемиот дел од настраданите се странски туристи. За време на нападот кој бил изведен во близина на хотелот Империјал се слушале истрели и една посилна детонација. Медиумите јавуваат за различен број на напаѓачи, но потврдено е дека најмалку еден од нив е убиен во престрелка со полицијата.
Градот Сус е позната туристичка дестинација каде што има многу туристи од Велика Британија. Дел од нив се кријат во хотелските соби од каде што им испраќаат информации на британските медиуми. Некои од туристите ги опишале своите искуства. Еден од нив рекол дека на плажата се случувал масовен егзодус и дека неговиот син бил сведок на убиствата. Други изјавиле дека кога ги слушнале истрелите отпрвин помислиле дека станува збор за петарди, но наскоро сфатиле за што се работи.
Во целиот хотелски комплекс има засилено обезбедување, а полицијата со кучиња ја пребарува областа, по добиената дојава за поставена бомба.
Во меѓувреме шпанскиот премиер Маријано Рахој потврди дека еден од двата хотела каде што беше извршен нападот е во сопственост на шпанска компанија. Исто така нападот го оцени како терористички чин, без да даде дополнителни детали. На друштвените мрежи се појави фотографија од местото на нападот на која се гледаат убиени туристи, и фотографија од убиениот напаѓач. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска Држава.
Сус е еден од најпознатите туристички комплекси на северот од Африка во кој доаѓаат голем број туристи од Европа. Ова е втор терористички напад во Тунис оваа година при што цел биле туристи. Во март двајца напаѓачи отворија оган во музејот Бардо во тунискиот главен град убивајќи 23 луѓе, меѓу кои и туристи од Шпанија, Полска, Јапонија и Колумбија.
Марина Автовска
