Американската надворешна политика е насочена кон безбедносните закани од Блискиот Исток и кон Азија
Американските политичари го оставаат решението на спорот со името на Европа. Интересот на американската надворешна политика е насочена кон безбедносните закани од Блискиот Исток и кон Азија...

Вашингтон поддржува проширување на Алијансата, но смета дека билатералните спорови што го кочат приемот на нови земји членки треба да се решаваат во Европа, оценува експертот за надворешна политика на Институтот „КАТО“ Ема Ашфорд.
„Овде во Соединетите Американски Држави постои мислење дека ваквите спорови треба да се остават да ги решаат Европејците меѓусебе. За прашањето за приклучувањето на Македонија кон Европската Унија и во НАТО што се задржува од земји членки на Унијата и на НАТО, многу американски политиачари би рекле дека ова треба да го решаваат Европејците и во Брисел. Мислам дека САД не би требало повеќе да биде ангажиран во овие локални спорови“, изјави Ема Ашфорд, експерт за надворешна политика на Институтот „КАТО“ во Вашингтон.
Според Ашфорд, најголемата безбедносна закана во Европа е ескалирање на конфликтот во Украина и натамошното затегнување на односите меѓу Русија и земјите членки на НАТО. Но сепак Европа не е во фокусот на американската надворешна политика.
„Во Америка не се зборува многу за Европа како порано бидејќи постојат многу други прашања. Безбедносни прашања на Блискиот Исток, свртувањето кон Азија и азиската безбедност и економија, но факт е дека САД се уште економски, воено се инволвирани во Европа, како и со сојузниците во Европа. Америка е еден од најголемите контрибутори во НАТО, кои обезбедуваат 70 проценти од финасирањето на Алијансата, за разлика од придонесот на европските сојузници што е далеку помал. Затоа би рекла дека САД се повеќе инволвирани во Европа отколку што е познато“, вели Ашфорд.
Американската внатрешна политика има големо влијание на надворешната политика. Конгресот и Претседателот не секогаш имаат исти ставови по одредени прашања, но и влијанието на одредени сојузни држави клучни за изборните резултати играат важна улога во формирањето на политиката кон странство.
Земете ги во предвид американските интереси за надворешната политика, ова е советот на американските експерти до претседателските кандидати за изборите во 2016-та година.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
