МРТ во Грција: Кога нема кеш, има големи попусти

07.07.2015 16:55

Наша екипа деновиве известуваше и од познатите летувалишта на северот од Грција и во Солун. Она што е забалежливо е што странските туристи не чувствуваат последици. дури можат и да си купат некое парче облека за багателни цени, намалени и до 70 проценти...

По грчкото „OXI“, граѓаните во оваа земја поминуваат уште еден неизвесен ден. И среќните и разочараните од резултатот на референдумот, по два дена, откако спласнаа емоциите, сега се заеднички загрижени за сопствената иднина. Истите проблеми ги мачат сите.

„Владата ни приреди голема опасност со референдумот.“

„Многу од моите пријатели се невработени. Многу мои пријатели, пак, работат но не земаат плата. “

„Точно е дека многу туристи ги откажаа резервациите, особено оние за септември и октомври. Многу сме загрижени“, велат жители на Грција.

Денот почнува вообичаено, со редици пред банкоматот за да се извадат дозволените 60 евра кои треба да ги покријат сите трошоци.

Мудрите грчки трговци ги применуваат и познатите мерки, како да дојдат до повеќе кеш од изретчените туристи кои уживаат во нивната земја. Попусти и до 70% го мамат окото на секој кој поминува покрај убаво уредените излози.

Важно е да се знае дека секој кој ќе ја посети или планира да ја посети Грција, нема да биде погоден од мерките за контрола на капиталот кои ги воведе владата. Тие не се однесуваат на посетителите.

Доколку имате среќа банкоматот да не е празен, во тој случај и со картица од национална банка можете да извадите пари од грчки банкомат.

За странците нема лимит колку можат да извадат. Но, треба да се внимава на многу работи кои можат да ве оштетат.

Доколку забележите добро парче облека кое ви се допаѓа или голем попуст, а во себе не носите кеш, и во тој случај можете да плати со картица од наша национална банка. Но, треба да бидете внимателни за провизијата која што ќе ви биде земена или курсот по кој што ќе биде наплатено.

Безбедносно, надлежните тврдат дека нема апсолутно никаква причина за загриженост. Гостопримливите грци се обидуваат по секоја цена, нивните проблеми да не ги почувствуваат посакуваните гости.

 

Катерина Топалова