Полнач за електрични автомобили во катната гаража „Македонска фаланга“
Примената на обновливите извори на енергија- глобален тренд во автомобилската индустрија, од денеска и кај нас. Бизнисмени открија дека со замената на фосилните горива со електрична енергија ќе им се намалат и трошоците. Во катната гаража „Македонската фаланга“ во Скопје, отворена првата станица за полнење...

Ванчо Зрнцев и Сашо Јовановски, сопственици на електрични автомобили, нема повеќе да се соочуваат со недостиг на полначи за своите возила. Во катната гаража „Македонска фаланга“ пуштена во употреба првата станица за електрични возила. И бизнис заедницата најде своја сметка во користење на овие возила.
„Првото возило го направивме за помалку од три месеци, а следното сме подготвени да го направиме за помалку од еден месец“, вели Ванчо Зрнцев, сопственик на компанија.
„Ова се првите чекори и ние како пионери во изработката на електрични возила ќе направиме еден чекор за нивно унапредуваме“, додаде Сашо Јовановски, сопственик на компанија.
ЈП Градски паркинг за набавка на две вакви станици одвои 20.000 евра.
„ЈП Градски паркинг во текот на наредната година, на сите паркиралишта со кои ние стопанисуваме ќе инсталираме полначи за електроавтомобили“, изјави директорот на ЈП Градски паркинг.
Освен од економски причини, користењето на овие возила ќе значи и еколошки здрава животна средина.
„Значајно е тоа што оние кои ќе дојдат со електромобилите имаат бесплатно паркирање во катните гаражи во градот Скопје, онаму каде што има електрични полначи“, рече Коце Трајановски, градоначалник на град Скопје.
Иако користењето на овие возила е на самиот почеток во земјава, сепак иднината на автомобилската индустрија во светот се заснова врз користењето на обновливите извори на енергија, па затоа градските власти се надеваат дека употребата на електрични возила наскоро ќе биде помасовна.
Билјана Јанакиеска
