Пронајдокот на охриѓанецот Виктор Груев - револуција во светската хирургија

14.07.2015 14:55

Охриѓанецот Виктор Груев, доктор на науки кој работи како професор на универзитетот „Вашингтон“ со својот изум- очила со камера кои ги разликуваат канцерогените од здравите клетки ќе предизвика револуција во светската хирургија. Со специјалните очила веќе се вршат хируршки зафати на рак во САД, а за три до пет години по добивањето на потребните протоколи, ќе можат да се користат насекаде во светот...

Сензорските очила што ги откри охриѓанецот Виктор Груев ќе направат вистинска револуција во светската хирургија. До новата технологија која сеуште е во истражувачка фаза тој дошол сосема случајно работејќи на друг проект на Големиот корален гребен во Австралија, каде го проучувал визуелниот систем на ракчињата Мантис и пеперутките Монарх, кои во споредба со човечкиот вид кој распознава три основни бои, препознаваат 15 до 20 различни спектри на бои. Врз основа на тоа се создадени очилата со кои веќе се вршат операции во САД, а кои овозможуваат препознавање на канцерогените клетки.

„Досега имаме тестирано некаде до пола милиметар и може да се види тој тумор. Работиме на додатна технологија каде што со оптички кабел ќе може да се дојде поблиску до самото ткиво, до уште на неколку микрони, да може да се види дали се отстранети тие туморни клетки или не“, изјави проф. д-р Виктор ГруевУниверзитет „Вашингтон- Сент Луис, САД.

Професор Груев е заинтересиран оваа технологија да биде донесена во Македонија за што веќе контактирал со неколку хирурзи, но еден од проблемите е како да се одредат протоколите и дозволата за употреба од Министерството за здравство на сензорските очила кои сеуште се во истражувачка фаза.

„Производот како производ не е важен сам по себе туку и како научно достигнување кое би овозможило начин на соработка на Виктор во светот и особено важно со македонските институции“, вели проф. д-р Елена ХаџиеваУниверзитет „Свети Апостол Павле- Охрид.

Во моментот Груев работи на изработка на специјални камери кои би се користеле за проучување на животинскиот свет. Дел од него ќе се одвива во Охридското Езеро во кој тој ќе соработува со биолози од Австралија и други земји при што камерата би се користела како ЏИ-ПИ-ЕС, по примерот на животните кои изминуваат илјадници километри во еден или друг правец, а при тоа непогрешиво се движат по истите патеки.

 

Сашо Нелоски