Ставридис: Македонија е подготвена за членство во НАТО

15.07.2015 10:26

„Македонија е подготвена за членство во НАТО. Грците во моментов имаат поголеми проблеми од името, но САД се во одлична можност да испратат дипломат од кариера којшто ќе преговара за решавање на спорот“- изјави поранешниот Врховен Командант на НАТО за Европа, адмирал Џејмс Ставридис во Вашингтон...

Македонија е подготвена за членство во НАТО и сега треба да се искористи ситуацијата во Грција за надминување на спорот со името. Соединетите Американски Држави треба да испратат врвен дипломат којшто ќе помогне за решавање на спорот, оцени поранешниот Врховен Командант на НАТО за Европа, пензионираниот адмирал Џејмс Ставридис во Вашингтон.

„Секоја нација е индивидуален случај. Мое лично мислење е дека Црна Гора и Македонија, се подготвени за членство. Очигледно, проблем за Македонија е решавање на прашањето со името Македонија. Како Американец од грчко потекло ова го разбирам, но Грците во моментов имаат поголеми проблеми отколку името. Соединетите Американски Држави се во одлична можност да испратат одличен дипломат од кариера којшто ќе проба да преговара за ова. Сега е можеби добар момент да се проба. Понекогаш пријател од надвор може да помогне да се реши проблемот“, изјави пензионираниот адмирал Џејмс Ставридис, поранешен Врховен Командант на НАТО за Европа и Декан на училиштето „Флечер“ за право и дипломатија на Универзитетот Тафтс.

Македонија е блиска и пријателска држава на Бугарија. Меѓусебниот Договор за добрососедство ќе ги зголеми шансите на Македонија за прием во Европската Унија, оцени бугарскиот министер за надворешни работи Даниел Митов.

„Последната посета на Република Македонија, мислам дека даде импулс за придвижување на процесот напред. Во моментов преговараме за датумот на следниот состанок на работните групи и експертите, и секако сите ќе направиме се што е можно да го потпишеме договорот. Добрососедските односи се дел од евроинтеграцискиот процес. Ние имаме најдобра волја да бидеме една од државите што ќе и помогнат на Република Македонија да се интегрира во ЕУ на најбрз начин. Ние сме блиски држави и пријатели“, вели Даниел Митов, министер за надворешни работи на Бугарија.

Европа нема да биде комплетна без земјите од Западниот Балкан. Иако проширувањето не е на агендата на актуелната Европска Комисија, сепак Унијата треба да биде поприсутна во земјите кандидати, оцени шефот на бугарска дипломатија.

Проширувањето на Европската Унија е приоритет на моменталното претседателство на Бугарија со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ