МВР: Издадени 633 потврди за искажана намера за барање за право на азил
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија 16.479, потоа Авганистан 1.748, од Ирак 1.222, Пакистан 774, од Сомалија 473, Палестина 415, Конго 278, од Камерун 127, додека останатите се во помал број...

Министерството за внатрешни работи, врз основа на измените и дополнувањето на Законот за азил, вчера издаде 633 потврди за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил во Република Македонија на странски државјани кои илегално влегле на нашата територија.
МВР денеска соопшти дека во периодот од 19 до 30 јули годинава во 08 часот, издадени се потврди на вкупно 22.208 странски државјани, од кои 16.109 се од машки пол, 2.949 се од женски, 2.953 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 197 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување барање за признавање право на азил.
Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија 16.479, потоа Авганистан 1.748, од Ирак 1.222, Пакистан 774, од Сомалија 473, Палестина 415, Конго 278, од Камерун 127, додека останатите се во помал број.
Од започнување на издавањето на потврдите до 30 јули 2015 година до Одделението за азил се поднесени 41 барање за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда. Притоа 31 барање се од државјани на Сирија за азил, а од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.
Во ЈУ Прифатен центар за баратели на азил во дневниот регистар на баратели на азил за 30 јули 2015 година се евидентирани вкупно 9 баратели на азил, сите мажи.
Од вкупниот број баратели на азил кои се присутни во ЈУ Прифатниот центар, стои во соопштението од МВР, не се евидентирани баратели на азил со повреди, бремени барателки на азил и малолетни лица без придружба на старател.
Во однос на активностите на мобилните тимови на Црвен крст на 29 јули годинава до 18 часот, укажале прва помош на вкупно 100 лица, од кои 6 трудници и 14 деца. Од вкупниот број интервенции, 67 се извршени на железничката станица во Гевгелија и 33 интервенции на железничката станица Табановце.
Тригодишно дете поради висока температура е транспортирано до гевгелиската општа болница, каде е под медицински надзор.
До 18 часот екипите дистрибуирале 456 шишиња вода, 57 пакети за жени, 64 пакети со храна, 56 пакети за мажи, 62 пакети за самопомош и 14 пакети за бебе.
