Убиство во Козле: Егзекуторот- професионалец, вешто ги замаскирал трагите

30.07.2015 16:23

Делувал во мрак, ги одвртел светилките, жртвите ги посипал со брашно. Егзекуторот вешто ги замаскирал и трагите, што дополнително ја отежнува истрагата. Од полицијата велат дека мајката и синот во Бурса биле невработени, а живееле комотно. Дали се поврзуваат со илегални активности, се чека одговор од турската полиција...

Ги одвртел светилките од лустерите, а жртвите ги посипал со брашно. Ова го затекнале истражителите по увидот по двојното убиство во Козле. Полицијата се сомнева дека егзекуторот сакал да добие на време или пак да се осигура дека ќе биде темно за да може понезабележливо да избега. Од куќата не зел ништо, а вешто ги замаскирал и трагите, што дополнително ја отежнува истрагата.

52 годишната Гулчин е убиена на спиење, додека нејзиниот 29 годишен син е усмртен до креветот, додека се пресоблекувал откако се вратил од прошетка со сопругата.

Останува енигма -  зошто ги посипал телата со брашно? Сакал ли да испрати порака за тоа што го сторил ноќта, тивко без сведоци и очевидци?

На 20-ти месецов гостите од Турција со автомобил стигнале во земјава. Со нив бил и братучедот на убиениот Самет. По една недела братучедот ги замолил да му викнат такси и се одвезол на аеродром, по што се вратил дома. Ден потоа, се случило убиството.

Се вештачи и автомобилот БМВ со кој се дојдени гостите. МВР засега нема осомничени. Сопругата на убиениот и нејзините родители - сопствениците на куќата ги поминале полиграфските тестирања. Засега е познато дека убиецот е професионалец кој добро го познавал домот каде што што ги застрелал жртвите.

Од полицијата велат дека мајката и синот во Бурса биле невработени, а живееле комотно. Дали се поврзуваат со илегални активности, се чека одговор од турската полиција.

 

Анита Димитријевска