Поддршка за сопствен бизнис: Грантови за самовработување на лицата со инвалидност
Се проширува опфатот на активните мерки. Со грантови за самовработување , и лицата со инвалидност можат да почнат сопствен бизнис. Луѓето кои ги користат овие и слични мерки, велат дека со државната помош успеале да го исполнат животниот сон...

Замокот на семејството Павловски во Долно Лисиче, е сведок за бизнис приказната која официјално почнала пред 4 години. Тони долги години се снаоѓал да заработи за семејството, еден ден во Агенцијата за вработување му овозможиле да го легализира бизнисот и да добие кредит да го развие. Тогаш се почнало.
„Почнав сам како вработен. И претходно се занимавав со производство на мебел. Во 2013 аплицирав и земав еден грант за уште едно вработување, што беше доволно за помош за еден недоразвиен бизнис. Најново нешто е игротеката која ја отворивме пред еден месец“, вели Тони Павловски.
Сите кои имаат бизнис идеја можат да ја почнат својата бизнис приказна. Со ова се проширува досегашниот проектот на владата - грант за самовработување, кој отсега ќе можат да го користат и лицата со инвалидност. Се нуди можност за почеток на сопствен бизнис. Со 5.000 евра неповратни пари можат да се набават опрема и репроматерјали.
„Целосниот износ којшто може да го реализира едно лице со инвалидност доколку отвори сопствен бизнис и доколку вработи две лица би изнесувал до околу 500.000 денари, што е значајна поддршка“, изјави министерот за труд и социјална политилка, Диме Спасов.
Зинтересираните можат да аплицираат во некој од центрите за вработување.
Наташа Јанчиќ
