Домашните компании ги користат сите владини мерки
Домашните компании ги користат мерките за зголемување на вработеноста. Стопанствениците велат дека на овој начин доаѓаат до потребната работна сила за остварување на развојните бизнис – планови. Дополнителен импулс се евтините кредити, за влез во нов инвестициски циклус...

Се почнало преку самовработување, а потоа преку користење на повеќе владини мерки за поддршка на малите компании. Фирмата „Јасен мебел“ од Турново искористила вкупно 12 илјади евра буџетски пари за нови вработувања со кои го развива бизнисот. Практично ги користеле активните мерки на Агенцијата за вработување и можноста да земат поволен кредит. Било вработено и инвалидизирано лице, а бил искористен и проектот „Македонија вработува“.
Владините мерки за поддршка на бизнисот не ги користат само почетниците и малите компании туку и поголемите фирми. Бизнисменот Џемали Даути годинава во својата компанија вработил 92 лица користејќи повеќе мерки и владини проекти. Биле вработени лица до 29 години, преку моделот обука за познат работодавач, но и самохрани родители. Вели дека има добар амбиент за водење и ширење на бизнисот, а планира и дополнително проширување.
Ова се добри можности кои треба да се користат, смета Даути. Реално се намалуваат трошоците по вработен и се овозможува побрз раст. Добри се и условите за користење банкарски кредити за ширење на бизнисот, вели овој бизнисмен кој новите инвестиции во најголем дел ги финансира од сопствени извори.
Свето Николовски
