Втор уписен рок за идните бруцоши, слободни места на техничките факултети
Медицинските науки со најмногу запишани, слободни места се уште има на техничките факултети. Надлежните за Македонската телевизија велат дека е зголемен интересот за високото образование...

Идните бруцоши го бркаат вториот уписен рок за влез на факултет. Медицинските науки со најмногу запишани, слободни места се уште има на техничките факултети. Надлежните за Македонската телевизија велат дека е зголемен интересот за високото образование.
„Утре ќе се објават резултатите, прелиминарните листи од вториот уписен рок, а в среда ќе биде уписот на кандидатите. Досега беа драстични бројките на техничките и на општествените науки. Оваа година секако пак е поголем бројот за општествените науки, но евидентно е приближување. Кај медицинските науки стандардно е голем интересот, кај уметностите исто така, голем интерес на архитектура исто така е зголемен интересот“, вели Влатко Стоилков- проректор и професор на ФЕИТ.
На УКИМ во првиот уписен рок се запишале некаде над 5.000 студенти, што е за 400 повеќе од првиот рок изминатата година. Во вториот уписен рок има место за уште 5.291 студент, половина во државна, а половина во приватна квота.
„Во вториот уписен рок на Филозофскиот Факултет, според очекувањата интересот е голем. Околу 150 електронски пријави, особен интерес за институтот за семејни студии, за социологија исто неочекувано голем интерес, за безбедност, одбрана и мир исто така огромен интерес“, изјави проф. д-р Лена Дамовска, продекан за настава.
На 16-ти септември е третиот уписен рок. На некои факултети пак, уписи ќе има се додека не се пополнат сите места.
Александра Перевска
