Спортските терени во Сарај под клуч
Иако се изградени со државни пари за да им служат на локалните жители за рекреација, сепак игралиштата не се отворени. Градоначалникот на Сарај негира дека постои проблем. Екипа на МРТ беше на терен...

Празни терени, неискосена трева, трибини оставени да пропаѓаат под забот на времето. Ова е сликата од фудбалскиот терен во скопското село Љубин. Иако изградено со државни пари да им служи за рекреација на локалните жители, сепак влезот на теренот е ставен под клуч.
Откако мештаните се пожалија дека локалната власт не им дозволува да го користат игралиштето, побаравме одговор од надлежните.
Градоначалникот на Сарај Беким Мурати пред камерата на МТВ не сакаше да зборува. Рече дека на оваа тема не постои проблем и дека игралиштата се користат од страна на граѓаните.
Мурати вели дека по претходно договорен распоред, игралиштето го користат локалните фудбалски клубови, но жителите велат дека никому не му се дозволува влез на теренот. Во слична, дури и во полоша состојба е тениското игралиште во селото Шишево. Мештаните се пожалија дека и овој терен е заклучен, па затоа самите се обидуваат да најдат начин да ја минат оградата, а кога ќе влезат, општинските контролори ги бркаат надвор.
Иако црвена панделка за овој терен е пресечена пред неколку години, за ова игралиште Мурати вели дека е заклучено оти се уште немало употребна дозвола.
Сарај е мултиетничка општина во која живеат Македонци, Албанци, Роми и Бошњаци на кои им е скратено правото да се рекреираат на јавните игралишта. За разлика од Сарај, општините Гостивар и Дебар се пример за мултиетничка средина во која спортската инфраструктура се користи во полн капацитет.
Анита Димитријевска
