Вељаноски: Референдумот е нашата најголема современа победа
Повторно е потребно политичките разлики да се подредат на клучните државни прашања. Нема поголема причина за единство, од Македонија и од иднината на нашите граѓани...

Референдумот од 8 септември 1991 година е нашата најголема современа победа, а изразената волја на граѓаните претставува заокружување на стремежите, принципите и сонувањата на генерациите од двата Илиндена. Денес поради нас самите и евроинтегративните процеси, продолжуваме со реформите. Повторно е потребно политичките разлики да се подредат на клучните државни прашања. Нема поголема причина за единство, од Македонија и од иднината на нашите граѓани.
Ова го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на свечениот прием вечерва во пресрет на празникот „8 Септември“ - Денот на независноста на РМ.
На приемот присуствуваа претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, пратеници од првиот Собраниски состав, актуелни пратеници, министри, претставници на верските заедници, на АРМ, на дипломатскиот кор и други гости од сите сфери на политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот.
