Македонија слави 24 години самостојност

08.09.2015 10:24

Над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“...

Република Македонија денеска одбележува 24 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Формално, волјата на народот за самостојна држава беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.

По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, денеска собраниска  делегација предводена од Силвана Бонева, во состав Светлана Јакимовска, Авдија Пепиќ и Соња Мираковска ќе положи венец цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија” во паркот „Жена борец“. Цвеќе ќе положат и  партиски, општински и граѓански делегации.

За државната награда „8-ми Септември“, која оваа година ќе се додели по четврти пат, а е поделена во две категории – за животно дело и признание за остварувања во областа на спортот, пријавени се 11 кандидати. Свеченото доделување и соопштување на носителите на државната награда за спорт ќе се одржи денеска во Собранието на Република Македонија.

По повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, синоќа во националното Собрание, се одржа прием под покровителство на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.

На приемот присуствуваше претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, пратеници од првиот Собраниски состав, актуелни пратеници, министри, претставници на верските заедници, на АРМ, на дипломатскиот кор и други гости од сите сфери на политичкиот, културниот, научниот и економскиот живот.