Американско- македонските односи одат во нагорна линија

09.09.2015 10:33

Американско-македонските односи од независноста на Македонија одат по нагорна линија. Двете земји соработуваат на политички, културен, економски и одбранбен план, но постои можност за подобра економска соработка, оценуваат македонски и американски претставници. „САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО и ЕУ уште вчера“, вели поранешниот американски амбасадор Пол Волерс којшто присуствуваше на приемот во македонската амбасада во Вашингтон по повод Денот на независноста...

Во годината кога обележуваме 24 години од постоењето на независна Македонија, се навршуваат и 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави. На обележувањето на Дент на независноста во македонската амбасада во Вашингтон дојдоа високи гости од Стејт Департмеентот и дипломати.

„Во изминативе 20 години имавме поддршка од Соединетите Американски Држави при стекнувањето на нашата независност, ја имавме нивната поддршка во процесот на признавањето на Република Македонија, особено под уставното име. Имавме поддршка од САД кога се работеше за најголемите кризи на Балканот. И секако поддршка при економските и трговските односи. Од друга страна и Република Македонија ја искажа поддршката во моментите кога тоа нив им беше најпотребно и преку преку заемна соработка и понатаму ќе продолжиме да ги развиваме нашите билатерални односи“, изјави Васко Наумовски, амбасадор на Република Македонија во САД.

Најдобрата работа што ја помнам од Македонија е периодот во 2004-та кога САД го призна уставното име на Република Македонија, вели поранешниот американски амбасадор Пол Волерс. За десет години поранешниот американски амбасадор ги гледа Македонија и Америка како сојузници во НАТО.

„Секако се надевам. Како што сум рекол многупати досега, сакаме Македонија да биде членка на НАТО и ЕУ, и тоа уште вчера. Тоа не се случи од разни причини, но сепак се уште е силна основа на американската политика. Сакаме Македонија да биде во НАТО и во ЕУ и да ни биде партнер особено во НАТО, и се надевам дека тоа ќе се случи наскоро. Ќе бидам многу среќен кога тоа ќе се случи“, истакна Пол Волерс-поранешен американски амбасадор во Македонија.

Американската поддршка за прием на Македонија во НАТО и во Европската унија се зголемува, благодарение и на македонската дијаспора. 

„Дефинитивно поддршката за Македонија расте во американскиот Конгрес, со тоа што во моментов имаме 24 конгресмени во групата за пријателство и 35 конгресмени коишто ја поддржаа резолуцијата. А другата работа е што денеска ја објави полскиот министер за одбрана дека Македонија може да добие покана во Варшава во 2016 година. Исто оваа година е 20 години од потпишувањето на Времената спогодба, така што се надеваме дека односите меѓу Македонија и Грција ќе се подобрат. Но дефинитивно не треба билатералното прашање околу името да биде пречка за Македонија да влезе во НАТО. И меѓународната заедница, особено земјите членки на НАТО тоа мора да го сфатат и мора да ја туркаат Грција што побрзо да се реши овој проблем“, истакна Мето Колоски, претседател на Обединета Македонска Дијаспора.

Иако билатералните односи се солидни, сепак и од македонска и од американска страна оценуваат дека еконоската соработка може да се подобри.

Република Македонија и Соединетите Американски Држави воспоставија дипломатски односи на 13 септември 1995-та година.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ