Синоќешното невреме направи штети во Кумановско
Синоќешното невреме удри по кумановските лозја. Градот ги уништи и доматите и пиперот. Жителите на Облавце, Стрезовце, Канарево, Макреш, Младо Негоричане и Војник велат дека силниот ветар им ги одвеал ќерамидите од куќите...

Обилен дожд проследен со силен ветер за неполни триесет минути направи огромни штети во Куманово и Старо Негоричане. Невремето било страшно, паѓале дури и ќерамидите од куќите, сведочат жителите. Во центарот на Куманово на улицата Киро Фетак за испумпување на водата од подрумите интервенирале противпожарните екипи.
„Дури до овде имаше вода. Се ни поплави, алишта, машини се што имавме овде. Имав четири вреќи брашно се отиде за пет минути“, вели жителка на Куманово.
Спроти училиштето „Крсте Мисирков“ покрив од четирикатницата паднал среде улица, но за среќа немало повредени.
Најпогодени се селата Облавце, Стрезовце, Канарево, Макреш, Младо Негоричане и Војник. Градот уништи лозја, домати, пипер и други култури. Од удар на гром е опожарена една куќа, изгорела поголема количина на сено.
Претставници од општина Старо Негоричани на терен ги проценуваат штетите. На итна седница на советниците ќе одлучат дали ќе биде прогласена елементарна непогода.
Фиљана Кока
