Кратово и Берово добија европски пари за инфраструктурни проекти
23 милиони евра за развој на општините. 13 милиони грант од ИПА, остатокот - пари од државната и општинските каси за подобрување на условите и стандардот на граѓаните...

Потпишани се првите договори за грант средства од ИПА програмата наменета за општините. Неповратни 385.000 евра пари добија општините Берово и Кратово. Парите ќе бидат наменети за рурален развој, изградба на улици и локални патишта. Целта е подобрување на руралната инфраструктура. Ова се првите општини кои најбрзо ја завршија проектната документација, рече вицепремиерот Ставрески. Општината Берово доби 125.000, Кратово 260.000 евра.
„Со реализацијата на овој проект и на оваа Програма ќе се зголеми економскиот и социјалниот развој и ќе се овозможи порамномерен регионален развој на земјата. Со подобрувањето на инфраструктурата во руралните средини, пак, ќе се овозможи подобар живот на граѓаните кои живеат во тие населени места. Со договорите што денес ги потпишавме на Кратово и на Берово им се даваат 385.000 евра неповратни средства“, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
78 општини преку проектот ќе добијат 23 милиони евра. Проектите треба да ја подобрат економската состојба и развојот на општините, вели евроамбасадорот Аиво Орав.
„Се надевам дека секое евро ќе се искористи и ќе биде наменето за што е предвидено, со цел земјата да се доближи до Европската унија“, нагласи евроамбасадорот Аиво Орав.
13,5 милиони евра се грант од ИПА програмата, 4,4 од буџетот и 5 милиони од општините. Средствата од Европската унија, но и оние од Владата ќе добијат вистинска намена со цел да се подобрат условите за живеење, велат од локалната самоуправа.
„Со овој проект ќе се реализираат голем број на инфраструктурни проекти кои се од големо значење за општините на Република Македонија“, изјави Миле Андоновски, градоначалник на Кратово.
„При сите објави, при сите огласи ги користиме средствата од Европската унија и од Буџетот на Република Македонија и се надевам дека и во иднина ќе има доста такви проекти“, вели градоначалникот на Берово Драги Наџински.
За грантот од ЕУ, општините аплицирале со 141 проект, руралните добиваат по 260.000 евра грант, урбаните по 120.000.
Дијана Ценевска
