Поедноставна постапка за утврдување на меѓите
Се поедноставува процедурата за утврдување на земјиште кое има сосопственици. Намалената бирократија ќе донесе заштеда за граѓаните и чист имотен лист. Владата стокми измени на Законот за катастар на недвижности...

Без геодетски елаборат и договор за физичка делба, само со изјава за согласност од засегнатите, заверена на нотар за 150 денари од потпис. Законот за катастар на недвижности ќе претрпи измени кои треба да го олеснат процесот за утврдување меѓи на земјиште кое има сосопственици.
„Сега е потребна само добра волја на двете страни и ако нема разлики по прашањето која е реалната меѓа, односно ако она што е прифатливо за двете страни кореспондира со фактичката состојба на терен, тогаш со едноставна изјава ќе се впише во катастарот и секој ќе добие чист имотен лист“ - изјави Владимир Пешевски, вицепремиер за економски прашања.
Анализите покажале дека во прашање се над 54 илјади парцели и вкупно 131 илјада физички и правни лица кои се јавуваат како сосопственици на одредено земјиште.
„Главна прична за несовпаѓање на граничните линии и меѓите, односно за несовпаѓање на површините од стариот и новиот премер, се разликите во начинот на пресметување на парцелите, користењето различни технологии, размерот на плановите, грешки при одржувањето на катастарот на недвижности, менување на граничните линии меѓу соседите без тоа соодветно да се пријави во катастарот, како и забраната за купопродажба на градежното земјите којашто траела од 1958 до 2001 година“ - изјави Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.
Пресметката покажала дека граѓаните ќе заштедат 5,5 милиони евра, по основ нотарски трошоци за договорот за физичка делба, 2,7 милиони евра за геодетски трошоци, плус потребните средства ако постапката се тера преку суд. Конечниот есап – заштеда меѓу 8 и 10 милиони евра.
Мартин Пушевски
